Македонија
1. September 2023 - 16:46

Има ли деловнички рок за гласање на уставните измени?

Опозициската ВМРО ДПМНЕ бара веднаш да се закаже седницата за гласање на уставните измени, без да биде заобиколена собраниската процедура. Партискиот лидер Христијан Мицкоски по координација со пратеничката група го потврдиле ставот дека уставни измени под бугарски диктат нема да има и ќе се почитува волјата на граѓаните да не се прават компромиси на штета на државата.

Денес имав редовна координација со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Нема уставни измени под бугарски диктат; остро сме против законските решенија кои предвидуваат зголемување на давачките, повисоки даночни опфати кои директно влијаат врз зголемување на сиромаштијата; бараме да не се одолговлекува процедурата и да се злоупотребува позицијата за да се одолговлекува седницата за уставни измени. Ќе се почитува волјата на граѓаните и нивниот интерес да не се потклекне на барањата за правење на компромиси на штета на државните интереси, пишува Мицкоски.

Реакциите на опозицијата следуваат откако поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски со писмо до јавноста побара Џафери, веднаш да ја закаже седницата за гласање, бидејќи денеска истекувале 10-те работни дена дена од започнувањето на расправата. Велјановски забележува дека Џафери прави преседан со започнување на постапка за уставни измени без двотретинско мнозинство и ако не закаже седница, ќе го прекрши Деловникот.

– Согласно член 196 став 1 од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија претресот за измена на Устав трае 10 работни денови и по завршување на претресот се пристапува кон гласање. Денес, на 1 септември завршуваат десетте работни денови откако беше отворена постапката и завршена расправата за измена на Уставот на собраниската седница број 123, закажана и одржана на 18 август. Гласањето мора да се случи најдоцна денес. Секое спротивно постапување не е во согласност со Деловникот. Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија не дозволува неизвесност со постапката од толку високо значење., вели поранешниот собраниски спикер.

Премиерот Ковачевски најавува дека дебатата за менувањето на Уставот ќе траела токолку колку што било потребно. Но јасно не кажува дали до крајот на ноември кога треба да заврши и скринингот ќе се случи и гласањето. Очекува дотогаш  опозицијата да го смени ставот и да гласа за потребата од уставни измени.

Засега од Собрание не соопштуваат кога седницата ќе биде свикана за да се премине на гласање, иако и во Уставот и Деловникот нема рок до кога може да се чека чинот на гласање.