ИЈЗ со препораки за заштита на лицата постари од 65 години за време на горештините

Лицата над 65 години се почувствителни на здравствените ефекти од високите температури и топлотните бранови. Согласно националните и меѓународните препораки, лицата над 65 години се сметаат за една од ризичните категории на населението. Со возраста, организмот потешко се приспособува на високите температури. Дополнително, повозрасните лица почесто имаат хронични заболувања и користат редовна терапија, а одредени лекови може да влијаат врз нормалните реакции на организмот на топлина, се наведува во денешното соопштение на Институтот за јавно здравје, каде се наведени и мерки и препораки за оваа група на граѓани.
Од Институтот упатија порака да се почитуваат мерките и препораките за заштита од високи температури наменети за општата популација, а особено да се обрнете внимание на некои од препораките.
- Избегнувајте изложување на сонце, вклучително и работа и физичка активност на отворено, во периодот од 11 до 17 часот. Носете лесна, светла и широка облека, очила за сонце и капа или шапка со широк обод. При изложување на сонце користете средство за заштита од сонце со заштитен фактор (SPF) 30 или повисок. Внесувајте доволно течности и не чекајте да почувствувате жед за да пиете вода. Избегнувајте алкохолни пијалаци и ограничете го внесот на пијалаци што содржат кофеин. Доколку вашиот лекар ви го ограничил внесот на течности поради одредена здравствена состојба, консултирајте се со него за количеството течности што треба да го внесувате за време на топлото време. Одржувајте пријатна температура во домот и избегнувајте негово дополнително загревање. Во текот на денот користете ролетни, завеси или други начини за заштита од директна сончева светлина, а просториите проветрувајте кога надворешната температура е пониска. Доколку користите уред за климатизација, избегнувајте прекумерно разладување на просторијата и нагли температурни промени. Избегнувајте користење шпорет, рерна и други уреди што дополнително го загреваат домот во периодот од 13 до 17 часот - се дел од советите.
Исто така, се препорачува телото да се разладува.
- Разладувајте го телото. Туширајте се со млака или посвежа вода, користете влажни крпи и престојувајте во најладниот дел од домот или во климатизирана просторија, доколку е достапна. Доколку имате хронично заболување, особено внимателно почитувајте ги препораките и редовно земајте ја пропишаната терапија. Не ја менувајте и не ја прекинувајте терапијата без консултација со лекар. При промена или влошување на здравствената состојба, задолжително консултирајте го вашиот избран - матичен лекар. Одржувајте редовен контакт со членовите на семејството, пријателите и соседите. Доколку живеете сами, особено е важно во периоди на високи температури да одржувате редовна комуникација со блиските лица, со цел навремено препознавање на евентуални промени во здравствената состојба и обезбедување помош доколку е потребно - потенцираат од Институтот.
МИА
Ново на Сител
-

Етна повторно исфрла пепел, илјадници туристи блокирани на Сицилија
-

МВР и Фондот за здравствено осигурување: Надминат проблемот со здравственото осигурување на вработените
-

Јаневска: Учебниците ќе бидат навреме доставени, вештачката интелигенција треба да се користи етички во образованието
-

Пронајден револвер со куршуми во скопско, лишено од слобода едно лице
-

МВР: Граѓаните да не отвораат лажни пораки, наводно испратени од „Безбеден град“ и да не споделуваат лични податоци
-

Во пресрет на Светскиот ден на органодарителство, едно семејство со хумана одлука спаси два живота
-

ЦУК: Активни два пожара на отворен простор, изгаснати 12 до 18 часот
-

Ѓорѓиевски: Скопје има безбедна вода за пиење
