Македонија
19. October 2023 - 16:34

Холандскиот амбасадор со нови критики за власта, нема реформи само изговори

Членството е ваша одговорност, а не на Унијата. Вие сте тие кои на оставате да ве чекаме премногу, холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп повторно остро реагира дека македонските институции не прават ништо да се спречи корупцијата и да завладее правото. Вели во Македонија нема политичка волја за промени и покрај огромните суми на пари кои стигнуваат за таа цел, се e заглавено поради корупција и непотизам.

Коп уште еднаш го повтори ставот дека судските органи не одговараат на предизвиците, Судсккиот совет за него е нелегитимно тело, а со измените на КЗ во канта се фрлени токму дела за корупција.

И  вицепремиерката Грковска потврдува дека нема резултати во битката за спречување на корупцијата. Вели со историјата на конфликти и сите надворешни и внатрешни фактори нема напредок во интеграциите.

А дека борбата со корупцијата не се поместува од мртва точка, нотира и германски Франкфуртер алгемајне цајтунг. Во текстот на весникот стои дека ветувањето на социјалдемократите при преземањето на владата во 2017 година, за одлучна битка со корупцијата, не е исполнето.

„Заев вети дека ќе расчисти со коруптивното наследство на неговиот претходник Груевски. Но, тешко ќе најдете некој во Северна Македонија кој смета дека ова ветување е исполнето. Напротив, мнозинството смета дека корупцијата на едната страна е заменета со корупцијата на другата“, пишува ФАЦ.

Борбата со корупцијата и владеењето на правото остануваат најголеми проблеми за Македонија на патот кон големото европско семејство.