Граѓаните пријавуваат штети по ураганот во Скопје: Зошто покривите летаа како пердуви?
Втор ден по невремето во Скопје, а жителите на главниот град брзаат да ги затворат однесените покриви по најавите за нови врнежи од дожд. Ја пријавиле штетата, а додека се врши увид на терен, тие немаат многу време, па се снаоѓаат секој на свој начин за да спречат дополнителна штета.
Таква е ситуацијата со станарите кај пазарчето Буњаковец, каде што пред два дена ураганот целосно ја однесе кровната конструкција.
„Истата вечер кога се враќав од Охрид, мојот брат со уште еден негов пријател се качија и шест часови работеа за со најлон да ја оспособи барем едната страна на кровот . Ова сега се втори работници кои само најлон ставаат. Зошто? Прогнозите не се поволни, утре е најавено дека ќе има пообилен дожд, па има можно е не само на горните спратови туку да пробие и надоле, така да водиме битка со времето да зачуваме се што може да зачуваме“, раскажа станар за Сител.
Скопјани не се изненадени од последиците од невремето, свесни за начинот на градба, но и за стручноста на оние кои работат.
Секој покрив доколку е граден според сите закони на градежништвото мора да издржи оркански ветер, тврди професорот на градежниот факултет Горан Марковски.
„Тоа едноставно се должи на непочитување на стандардите во градежништвото, внесување импровизации во текот на изградбата и несоодветно одржување на кровните конструкции, особено на оние кои се наоѓаат на поголеми височини. Ваквиот ветер со ваква брзина не би требало да предизвика вакви штети“, изјави проф. д-р Горан Марковски од Градежниот факултет во Скопје.
Професорот додава дека на терен се забележале два вида на пропуштање на конструкции.
„Прво, практично откачување на лимот од конструкцијата на лимените табли, што исто е недостаток на изведбата, и второто е откачување на целокупната потконстукција заедно со лимот од основната конструкција што укажува на врските на ваквите констуркции а гледаме колку е тоа битно“, додава професорот Марковски.
Експертите велат дека сега на потег се градежните инспектори за да ги проверат сите конструкции и да ги казнат сите оние кои не работат според правила и прописи со дебели казни, за да се избегнат вакви сценарија при слични непогоди.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
