Loading Video...
Македонија
16. јуни 2023 - 16:36

Германскиот Бундестаг ја усвои резолуцијата, опозицијата се противеше за корумпираната и нестабилна Македонија

Со поддршка од владејачкото мнозинство, но и остри критики од опозицијата, германскиот Бундестаг доцна синоќа ја усвои резолуцијата за потврда на македонскиот идентитет. Со овој документ одаваме длабока почит за македонскиот идентитет, јазик и култура порача од говорницата германската министерка за Европа. Лирман ја најави и својата 4та посета на Македонија во обид како што вели, да се охрабри државата да ги донесе уставните измени.

„Граѓаните ја губат вербата во ЕУ перспективата. Мора да ја вратиме довербата во ЕУ и да ги искористиме сите можности за да ги охрабриме нашите партнери во Северна Македонија. Тврдењата дека измените на Уставот ќе го загрози идентитетот се погрешни. Вметнувањето дополнителни заедници во Уставот, напротив само ќе го зајакне мултиетничкиот карактер на државата која е пример за целиот регион“, рече Лирман.

Против резолуцијата гласаа сите опозициски партии, меѓу кои и партијата на поранешната канцеларка Меркел. Нивната клучна критика беше зошто Македонија се издвојува од останатите држави во регионот, а од говорницата во германскиот парламент можеа да се слушнат и навреди кон земјава.

„Ја сакате Северна Македонија во ЕУ?! Тоа е една корумпирана и нестабилна држава. Просечната социјална помош во таа земја е 50 евра месечно. Замислете таа земја да влезе во ЕУ и на два милиони луѓе да им дадеме пристап до нашиот социјален систем", рече Маркус Фронмајер од десно-радикалната АФД.

Резолуцијата на германскиот Бундестаг денеска ја поздравија и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но повторно со меѓусебни обвинувања.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да врши притисок, да се обезбедат што е можно повеќе вакви резолуции. Секоја таква резолуција е добредојдена. Очекуваме такви резолуции од други наши стратешки партнери во периодот што следи. Но, тоа не е би рекол ни 5 проценти од тоа што овој народ го заслужува, а овој народ заслужува фер шанса каква што имале сите народи кои пристапувале на ЕУ. Тоа е без условување, без отстапки по националниот идентитет да може да покажеме колку знаеме и колку вредиме и во еден нормален процес на преговори да станеме земја членка на ЕУ“ рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„За жал ДПМНЕ освен блокади не направија ништо ниту за македонскиот идентитет и јазик, ниту пак за оваа резолуција. ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат за тоа. Особено што нивни сестрински партии во Бундестагот гласаа против Резолуцијата за потврда на македонскиот јазик, култура и посебност. Зошто ДПМНЕ и Мицкоски не лобирале кај своите партии за поддршка? На ова прашање Мицкоски и пратениците од ДПМНЕ им должат одговор на македонските граѓани“, вели Дарко Каевски пратеник од СДСМ.

Според најавите од Владата, чекорот на Германија во следниот период ќе го следат и други држави.