Македонија
27. November 2023 - 20:12

Герман трет ден отсечено од државата и без струја

Три дена заборавени од државата. 80-тина жители на селото Герман од саботата останаа без струја и без можност за пристап до цивилизација.

Иако надлежните тврдеа дека патот до селото конечно е прооден, се упативме да ја провериме состојбата на терен. Уште веднаш ни беше посочено дека до Герман се стигнува само со теренско возило. 

Заедно со командирот на ТППЕ Ранковце и градоначалникот на општината, со теренско возило се упативме на 25 километарската траса.

Патот е тесен и нема опција за разминување на две возила. Првите неколку километри се чисти и нема снег, но околу 20 километри се тешко проодни дури и со теренско возило.

Повеќе автомобили ќе останат покрај патот се додека тој целосно не се исчисти или додека снегот не се стопи.

Пред селото Герман, старата ,,лада” добиена од Дирекцијата за заштита и спасување се излизга на еден од свиоците, па моравме на сила да ја вадиме од снегот.

По 45 минути возење, конечно пристигнавме до Герман. Но освен кучиња, таму немаше никој. Цело село беше отидено на погреб. Во телефонски разговор селаните ни кажаа дека самите платиле за трактор да го исчисти патот до гробиштата кои се одалечени околу 5 километри од средсело.

Забележавме механизација, но немаше кој да ја управува. За тоа мештаните ќе почекаат барем до утре.

Пожарникарите се први кои излегуваат на терен, но во описот на нивната работа не е и чистење на патиштата.

Од Македонијапат уверуваат, до Герман ќе биде пристапно уште утре. 

Минусните температури вечерва повторно направија проблем. Сега траките кои ги направиле тркалата на тракторите и џиповите се смрзнати, па за надолу на неколку места мораше да се вози екстремно бавно.