Герасимовски: Учениците од четврто до деветто одделение во ООУ „Киро Глигоров“ привремено ќе следат онлајн настава

Учениците од четврто до деветто одделение во ООУ „Киро Глигоров“ во Општина Центар новата учебна година ќе ја започнат со настава од далечина, поради градежни активности што се реализираат во дел од училишниот објект во рамки на Проектот за унапредување на основното образование (ПЕИП).
Од Општина Центар информираат дека активностите ги спроведува Министерството за образование и наука, кое ги обезбедува финансиските средства, проектната документација, надзорот и изведувачот на работите.
Според првичната динамика, градежните зафати требало да завршат пред почетокот на учебната 2026/2027 година, но поради тоа што работите сè уште се во тек, училиштето побарало организација на онлајн настава за учениците од четврто до деветто одделение.
Министерството за образование и наука дало согласност наставата привремено да се реализира од далечина до создавање услови за безбедно одвивање на наставниот процес со физичко присуство.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека приоритет е учебната година да започне непречено и во безбедни услови.
- Најважно е децата да бидат безбедни и наставата да започне без дополнителни одложувања. Бидејќи градежните активности што ги реализира Министерството за образование и наука сè уште не се завршени, учениците од четврто до деветто одделение времено ќе следат онлајн настава. Од МОН побаравме информација за точниот рок и динамиката за завршување на работите, затоа што очекуваме тие да бидат завршени во најкус можен рок и учениците што побрзо да се вратат во училишните клупи - истакна Герасимовски.
Од Општина Центар посочуваат дека ќе останат во постојана комуникација со училиштето, родителите и Министерството за образование и наука, со цел учениците што поскоро да продолжат со редовна настава во училишните простории.
МИА
Ново на Сител
-

САД ја преиспитуваат нуклеарната стратегија, фокус на одвраќањето и стабилноста
-

Почнува Богородичниот пост
-

Скот Бесант: САД ќе спроведат „невидени“ мерки против Иран
-

Делови од мотор го скршиле стаклото на авионот на „Рајанер“ во инцидентот кога беше повреден патник од Србија
-

Голем пожар крај Омиш: 36 лица повредени, 7 во животна опасност
-

Облачно со сончеви периоди, на места услови за краткотрајно невреме
-

Турција, Пакистан и Саудиска Арабија формираат воено-политички механизми во рамките на новиот одбранбен пакт
-

13 лица повикани на информативен разговор поради ширење на лажни информации за водата во Скопје
