Фон дер Лајен и Кошта по средбата со Вучиќ: Сакаме да видиме демократска Србија во ЕУ

Претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта, синоќа во Брисел објавија дека остануваат целосно посветени на тоа да видат демократска Србија во Европската унија.
Фон дер Лајен и Кошта објавија на „X“ дека разговарале со српскиот претседател Александар Вучиќ за важноста од забрзување на реформите, особено во областите на владеењето на правото и слободата на медиумите.
„Нагласивме дека проширувањето е геостратешки императив, како и потребата Србија повеќе да се усогласи со надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Исто така, ги поздравивме чекорите на Србија за диверзификација на изворите и рутите за снабдување со енергенси и за намалување на зависноста од Русија, чија несигурност е постојано демонстрирана“, објавија Фон дер Лајен и Кошта.
По работната вечера, која фон дер Лајен ја приреди во нејзиниот кабинет, таа и Кошта изјавија дека се задоволни што се сретнале со Вучиќ за да го анализираат напредокот на Србија на патот кон ЕУ.
„Европа постојано покажува солидарност со Србија преку големи инвестиции во енергетската инфраструктура и преку поддршка на ранливите домаќинства. Како што нагласивме за време на нашите посети претходно оваа година, ние остануваме целосно посветени на тоа да видиме демократска Србија во ЕУ. Можете да сметате на нашата поддршка“.
По вечерата, Вучиќ изјави дека е „искрено задоволен од текот, начинот и тонот на разговорот, особено во врска со енергетската ситуација“.
„Беше пријатен разговор…Ние сме многу добри познаници и се разбираме многу добро дури и кога не се согласуваме. Разговаравме и за тоа каде, колку и како можеме да увезуваме деривати, од Бугарија и Романија, каде да градиме нови гасоводи и нафтоводи, разговаравме детално. Немам толку страв за гасот колку што имам за нафтата, баравме решенија и верувам дека ќе ја имаме поддршката од ЕУ за тие важни прашања“, изјави Вучиќ доцна синоќа за медиумите од Србија.
Тој нагласи дека на Фон дер Лајен и Кошта им го презентирал предлогот целиот Западен Балкан заедно да влезе во ЕУ и додаде дека „го ислушале како пристојни луѓе“ и „не кажале ништо за тоа“.
МИА
Ново на Сител
-

Осомничениот за терористички напад на плажата Бонди ќе се соочи со 19 дополнителни обвиненија
-

Без струја делови од Шуто Оризари и Кисела Вода
-

Променливо облачно со сончеви периоди
-

Актерството ме научи дека можам да успеам во секоја улога | Марија Јанчевска | Sitel Podcast 145
-

Ѓорѓиевски: Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ конечно се става во функција
-

Боко Харам уби 23 војници во Чад
-

Трамп: Иран нема никакви шанси
-

Иран ги обвини САД за убиство на пет цивили во два трговски брода во Ормуската Теснина
