Филипче бара оставки, водата за пиење не била исправна и во болницата во Лешок
Опозициската СДСМ бара вонреден надзор и анализи на сите водоснабдителни станици во државата поради сомнежи дека водата не е загадена само во Гостивар, туку дека проблем има и на други места. Филипче денеска објави резултати за наводно бактериолошки неисправна вода од водоводот во Болницата за белодробни болести во Лешок. Обвини за системски пропусти во случајот со Гостивар и побара оставки од министерот за здравство, директорката на Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство и Обвинителството, но и кривична одговорност за надлежните.
„Здравствениот систем во државата очигледно е во колапс. Ова што се случи во Гостивар не е само еден изолиран случај. Станува збор за системски знаци, би рекол, на неефикасност, нефункционирање... Извештајот за тестирање на безбедноста на водата е од примерок земен од Болницата за белодробни заболувања во Лешок. Датумот на завршување на испитувањето е 13 мај. Вкупниот број на колиформни бактерии во 100 милилитри вода е 51. Примерок од чешма во болницата каде што се лекуваат луѓе. 51 колиформна бактерија на 100 милилитри вода. И пишува дека не соодветствува на квалитетот на вода што е потребен за пиење. И ова е од болницата во Лешок, на крајот на мај, а никој не реагирал. Знаат ли овие луѓе што прават?“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ
Филипче бара јавно да се објават и резултатите од физичките анализи – матност, мирис и други параметри, како и хемиските анализи за нитрати, нитрити и амонијак, микробиолошките анализи и анализите за хлорирањето на сите води за пиење.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека Филипче е последниот што има кредибилитет да зборува за колапс во здравството.
„Ковид кризата министер за здравство Венко Филипче, трета земја во светот по процент на смртност; Ковид криза министер за здравство Венко Филипче, наместо вакцини тој договараше провизии од нивната набавка и наместо по 32 долари за вакцина тој сакаше да ги купи со договор за 67 долари; Ковид криза министер за здравство Венко Филипче, наместо заштита на граѓаните и животот на граѓаните, му се запали модуларната болница во Тетово и живи изгореа 14 наши сограѓани, поради анекс за 20%; Му беа обезбедени средства и проект за нов клинички центар, а тој не направи ништо; Во негово време на онкологија се даваше физиолошки раствор наместо лекови за болните од рак; Наместо нови операциони сали, нови апарати, нови болници, тој сакаше да ја турне аферата „Крвави тендери’’ за набавка на тестови и реагенси за крвни анализи вредна 35 милиони евра, која благодарение на ВМРО-ДПМНЕ не се дозволи“., изјави Валентин Манасиевски, ВМРО-ДПМНЕ
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
