ЕУ постигна договор за олеснување и одложување на дел од правилата за вештачка интелигенција

Земјите членки на Европската Унија и законодавците од Европскиот парламент постигнаа договор за олеснување на клучните правила за вештачка интелигенција, вклучително и за одложување на нивната примена, по притисокот од одредени влади и компании.
„Кипарското претседателство, кое го претставува Советот, и преговарачите од Европскиот парламент штотуку постигнаа привремен договор за предлогот насочен кон поедноставување и олеснување на одредени правила поврзани со вештачката интелигенција“, се наведува во соопштението на Кипар, кој моментално претседава со ЕУ.
Земјите-членки и преговарачите се договорија и да ја забранат употребата на апликации за вештачка интелигенција за создавање сексуални „дипфејк“ (deepfake) содржини без согласност на лицата прикажани во нив. Критичарите оценуваат дека олеснувањето на дел од правилата покажува дека Европа попушта под притисокот на големите технолошки компании.
Привремениот договор, кој треба формално да биде одобрен од владите на ЕУ и од Европскиот парламент во наредните месеци, беше постигнат по деветчасовни преговори. Марилена Рауна, заменик-министерка за европски прашања на Кипар, изјави дека договорот за Законот за вештачка интелигенција значително ги поддржува компаниите преку намалување на административните трошоци.
Измените на Законот за вештачка интелигенција, кој стапи во сила во август 2024 година, се дел од напорите на Европската комисија за поедноставување на новите дигитални правила по поплаките од бизнис-заедницата за бирократски пречки.
Владите и европратениците се договорија примената на правилата за високоризичните системи, како оние поврзани со биометрија и критична инфраструктура, да биде одложена до 2 декември 2027 година, наместо првично планираниот рок до август годинава. Исто така, беше договорено машините да бидат изземени од опфатот на овој закон бидејќи веќе се регулирани со секторски правила.
Задолжителното означување на содржините генерирани со вештачка интелигенција со „воден жиг“ ќе започне да се применува од 2 декември. И покрај овие измени, правилата на ЕУ за вештачка интелигенција и понатаму се сметаат за најстроги во светот.
МИА
Ново на Сител
-

Сиљановска-Давкова: Патеки кон демографска отпорност во согласност со потребите на луѓето
-

Велешанка била измамена со СМС порака за наводно сторен сообраќаен прекршок
-

Андоновска: Нема простор за паника, бидејќи не постои опасност од појава на хантавирусот, ниту ризик за македонските граѓани
-

Ким Џонг-ун најави дополнително јакнење на воените капацитети на Северна Кореја
-

Кривични пријави против управители и вработени во Агенцијата за управување со одземен имот за злоупотреба на јавна набавка
-

Отворена истрага во САД за можно инсајдерско тргување со нафта во вредност од 2,6 милијарди долари за време на војната со Иран
-

Италија е најдобрата туристичка дестинација за „соло“ патувања во 2026 година
-

Бугарскиот парламент ја избра владата на премиерот Румен Радев
