Свет
2. September 2026 - 16:14

ЕУ ѝ се заканува на Русија со нови санкции по нападот со дрон на аеродромот во Лајпциг

Министрите за надворешни работи на Европската Унија денеска на состанокот во Виклоу, Ирска, разговараа за одговорот на ЕУ по германските обвинувања дека Русија стои зад неуспешниот напад со дрон наполнет со експлозив на аеродромот во Лајпциг, пренесува ДПА.

- Можните мерки вклучуваат санкции против уште 1.600 лица и компании поврзани со рускиот воено-индустриски комплекс - изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас. Таа додаде дека на листата потенцијално би можеле да бидат додадени и други лица и компании, во рамки на подготовките за нови казнени мерки што беа најавени минатиот месец, пред Германија јавно да ја обвини Русија за дронот откриен на 4 август во близина на украински товарни авиони. Дронот не експлодираше, а Русија негира каква било вмешаност. Досега ЕУ има усвоено 21 пакет санкции против Русија од почетокот на нејзината целосна инвазија врз Украина во 2022 година.

И претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Русија треба да очекува нови санкции.

- Разгледуваме начини како уште подлабоко да ги погодиме руските средства за финансирање на војната - рече таа во Брисел, заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Фон дер Лајен истакна дека инцидентите како оној во Лајпциг значат дека ЕУ „мора да ги засили напорите, а тоа значи да биде подготвена да одговори на руската неодговорност побрзо и подобро“. Според неа, тоа вклучува подготовка на санкции кои ќе бидат „подготвени за воведување веднаш штом ваквите опасни и животозагрозувачки дејствија ќе ѝ бидат припишани на Русија“.

- Секоја дупка во системот што ја користи Русија е нешто што мора да го затвориме. Доколку овој напад успееше, тоа ќе предизвикаше огромна штета, а можеби и човечки жртви - предупреди Фон дер Лајен.

Министрите за надворешни работи на ЕУ изразија целосна солидарност со Германија. Калас оцени дека инциденти како оној во Лајпциг можат да послужат како „будилници“ и предупреди дека „ако сакаме да ја завршиме оваа војна, сите мора да ги насочиме нашите напори“.

На разговорите во Ирска, каде што присуствуваа и министрите за надворешни работи на Украина, Велика Британија, Канада, Норвешка, Исланд и Швајцарија, се дискутираше и за дополнителната поддршка за Украина, противвоздушната одбрана, подготовките за претстојната зима, можната употреба на замрзнатите руски средства, како и за развојот на ситуацијата на Блискиот Исток.

 

МИА