Loading Video...
Македонија
26. August 2023 - 16:38

Ескобар за 360: Не бараме поддршка за владата туку за европската перспектива

Поддршка за ЕУ а не за владата побарал на средбите со опозицијата високиот американски дипломат Габриел Ескобар. Во денешното интервју за 360 степени по вчерашните состаноци порачува дека САД ќе ги изберат за партнери оние кон работат кон приближување кон унијата.

- Не дојдов тука за да му кажам што да прави и не дојдов тука да му диктирам услови. Но, сакав да ставам јасно до знаење дека САД ги избираат за партнери на Балканот оние што го приближуваат регионот поблиску до Европа, оние кои ја покажуваат својата посветеност на НАТО и кои ја продолжуваат борбата против корупцијата. Тоа е нашето очекување. Тоа што се случува во моментов, со можностите кои се презентирани, да се придвижи кандидатскиот статус на Северна Македонија кон Европската Унија, е дел од тој процес. Јас не барам од луѓето да ја поддржат Владата. Барам од луѓето – ве молам, работете со нас, за да го поддржиме европскиот пат. Затоа што ќе ни биде од корист и нам.“, вели Габриел Ескобар, заменик-помошникот државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан,

Одлука на граѓаните е дали ќе има брзи избори како што бара опозицијата вели Ескобар во интервјуто. Но, смета дека време за чекање нема, а нема ниту силни аргументи против промената на Уставот.

- Па, би сакал да ги видам да ја објаснат оваа дилема на јавноста. Затоа што, многу искрено, во моментов, земајќи ги предвид сите работи што се случуваат во Европа и што се случуваат во светот, не знаеме што ќе се случи утре. Но, знаеме дека денеска имаме можности ја придвижиме кандидатурата на Северна Македонија поблиску и побргу од кој било друг на Западниот Балкан. Од гледна точка на пријател, близок пријател, би сакале Северна Македонија да ја совлада оваа пречка и да почне да се дефинира себеси преку односите со трансатлантската заедница, преку нејзините односи со остатокот на светот врз основа на нејзините вредности, а не да се дефинира според Бугарија.

Во интервјуто Ескобар вели дека на форумот во Дубровник добил гаранции од бугарската министерка за надворешни работи дека нема да има нови условувања од источниот сосед по усвојување на уставните измени. За заменик помошникот државен секпретар на САД за Западен Балкан нема дилеми за македонскиот јазик и идентитет.

- Таа ме увери дека ако Северна Македонија го исполни тоа што е предвидено во сегашниот договор, нема да има нови услови. Јас го сметам тоа за нејзина лична заложба и заложба во име на нејзината влада. И тоа е нашиот план. Мислам дека после ова, тоа што ќе го одреди вашиот пристапен процес, нема да бидат билатералните прашања туку затворањето на поглавјата и зближување на вашата економија со најголемата економија во светот, вели Ескобар. 

Ескобар нагласува дека за САД клучна е борбата против корупцијата, па дури и најавува проширување на црната листа со нови лица од Македонија.