Екс министерката за култура повторно на „тапет“
ВМРО-ДПМНЕ и денеска со нови обвинувања за екс министерката за култура. Владејачката партија тврди дека покрај платените и неискористени авионски билети за Дубаи, Костадиновска Стојчевска потрошила близу 45 000 денари пари на граѓаните и за авионски карти и за Лондон. Парите пропаднале бидејќи екс министерката не заминала на пат.
Иако патувањето не се реализирало, Бисера Антоанета ги оправдала потрошените пари со купените карти. Не е првпат Бисера Антоанета да купува авионски билети и за илјадници евра, а потоа да не го реализира патувањето. Многу логично се поставува прашањето, ако истата работела според план и програма, тогаш многу лесно ќе се предвидело каде може да отиде, а каде не, очигледно е дека Бисера Антоанета сама како ќе и текне си резервирала карти и плаќала илјадници евра само затоа што мислела дека може и сакала да прошета секаде, вели Миле Лефков
Наместо власта да ја користи позицијата за ПР-пресови, сите докази да ги достави до истражните органи, повика лидерот на СДСМ. Филипче вели дека на оваа тема денеска за прв пат закажал состанок со Костадиновска Стојчевска на кој сака да ги слушне и нејзините аргументи.
Јас за денеска закажав состанок со поранешната министерка за култура. Инсистирам тој случај да го расчистат институциите и доколу има било каква одговорност, секој кој направил некаква неправедност да сноси одговорност за таа работа. Тоа што сакам во овој момент да го осудам е тоа што владата ги користи сите инструменти на партиски пиар да се справува со ова прашање. Инсистирам ова прашање да го расчистат институциите, вели Венко Филипче, претседател на СДСМ
Изминатите денови ВМРО-ДПМНЕ обвини дека екс министерката за култура со пари на граѓаните купувала чорапи, хулахопки, плишани мечиња, изнајмила стан во Виена за над 1200 евра во кој престојувала заедно со другарка, со која плаќале и луксузни јадења во виенски ресторан. Костадиновска Стојчевска преку фб пак возврати дека власта ги лаже и манипулира граѓаните. Владејачката партија за утре најави нови информации.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
