„Екс-ју авиејшн“: Скопскиот е најбрзорастечки меѓу аеродромите во поранешна Југославија

Дваесет и еден комерцијален аеродром во поранешна Југославија со редовен патнички сообраќај опслужија 13.105.289 патници во периодот јануари-мај годинава. Оваа бројка претставува зголемување од 1.074.294 патници во истиот период минатата година, а Македонија беше најбрзорастечкиот пазар во поранешна Југославија, со додадени 375.766 патници во текот на првите пет месеци од годината - пишува порталот „Екс-ју авиејшн“.
Како што посочуваат, аеродромот во главниот македонски град е најбрзорастечкиот во регионот, опслужувајќи дополнителни 360.589 патници во споредба со истиот период минатата година.
- Само во мај, Скопјe забележа зголемување од 28,6 проценти во бројот на патници, опслужувајќи 355.929 патници. Растот е поттикнат од широката експанзија на „Виз Ер“ во земјата - се вели во објавата.
Според податоците на „Екс-ју авиејшн“, Белград остана најпрометниот аеродром во поранешна Југославија, додавајќи 255.376 патници во периодот јануари-мај и покрај тоа што, наведуваат, се соочи со неколку пречки, вклучително и намалувањето на услугите од страна на авиокомпаниите од Блискиот Исток, меѓу кои и една од најпрометните авиокомпании, Флајдубаи.
- На другите места, по неколку години силен раст на патници, Приштина забележа намалување на бројките. Само во април, бројот на патници се намали за 4 проценти на годишно ниво. Се очекува аеродромот да се соочи со дополнителен притисок во наредните месеци поради значително намалување на фреквенцијата и намалување на мрежата од страна на неговиот најголем авиопревозник, GP Aviation. Во меѓувреме, помалите хрватски крајбрежни аеродроми беа погодени од суспензијата на домашните летови од Обврската за јавна услуга (PSO) што ги извршува Trade Air, откако хрватската влада не успеа да го започне тендерскиот процес за нов четиригодишен договор за домашни услуги во рамките на потребниот временски рок. Јавен повик сè уште не е објавен, но Trade Air најави продолжување на домашните летови до средината на јули - пишува „Екс-ју авиејшн“.
Скопскиот и охридскиот аеродром во првата половина од годината превезоа речиси два милиона патници, а надлежните институции очекуваат двата аеродроми годинава да ја завршат со над 3,5 милиони патници и оти набргу ќе имаат и 4 милиони.
- Како резултат на владините политики во авиосообраќајот и отворените 28 нови авиолинии, скопскиот и охридскиот аеродром се најбрзорастечки во своите категории во регионот - изјави минатата недела вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Во периодот од јануари до јуни, двата македонски аеродроми опслужија вкупно 1.955.648 патници, што претставува раст од 28 проценти во однос на истиот период минатата година. Во истиот период беа реализирани 13.167 летови од двата аеродроми, односно 7,6 проценти повеќе споредено со првите шест месеци од 2025 година. Само во јуни, скопскиот и охридскиот аеродром заедно имале за 15,6 проценти повеќе патници (374.714) во однос на истиот период лани.
МИА
Ново на Сител
-

Обвинение за поранешниот директор на СОЗР – приватно летал со владиниот авион и трошел државни пари
-

Полицајците не помагаа после пожарот во „Пулс“, тврдат сведоци
-

Мицкоски: Правдата е задоволена со враќањето на “Белата палата”
-

Вард од Скопје: Проширувањето останува приоритет на ЕУ
-

Истече грејс периодот од Брисел, нема измени на Изборниот законик
-

Бизнисот бара, но работници нема
-

СДСМ: Над 2 милиони евра завршиле кај ,,Маратон" и уште една фирма блиска до ВМРО
-

Мицкоски: Ние како владина коалиција го усогласивме нашиот став
