Џафери го токми својот кабинет - партиите се подготвуваат за избори
Панче Тошковски во МВР и Ѓоко Велковски во труд и социјала заедно со Талат Џафери веројатно ќе бидат единствените нови имиња кои ќе ја разликуваат техничката влада од онаа која од денеска и официјално е во оставка. Неофицијално, од Мала Речица и од партијата на Таравари ќе останат во владиниот состав со истите имиња.
За разлика од Спасовски кој се повлекува од Владата, во труд и социјала актуелната министерка од недела ќе стане заменичка.
Рокада, но внатрешна ќе има и кај владините потпретседатели. Груби ќе остане вицепремиер, но веќе нема да биде прв.
За опозицијата, денеска почнува крајот на власта на СДСМ и ДУИ.
Во СДСМ денеска констатираа дека опозицијата предложила слаби кадри.
Со формирањето на техничката Влада и официјално почнува изборната трка. Партиите со месеци се во преговори за настапот на изборите а во овој момент, единствена непозната е партијата на Таравари која се уште нема одлука дали ќе оди со власта, ќе и се приклучи на опозицијата или ќе се натпреварува сама.
Многу прашања за тоа кој со кого ќе настапи на изборите ќе одговори и кампањата за претседателските избори. Во албанската опозиција не кријат дека трпат притисок од меѓународниот фактор да не лансираат свој кандидат. Сепак, од таму уверуваат дека ќе влезат во претседателската трка што со голема веројатност ќе го натера и ДУИ да го стори истото. Заедно со претседателските кандидати кои ги најавуваат Левица, Максим Димитриевски и независната кандидатура на Вело Марковски, избирачкото ливче за претседателските избори би можело да биде прилично долго и на него да се најдат 7 па дури и повеќе кандидати.
Првиот круг е закажан за 24 април, а вториот, заедно со парламентарните избори, на 8ми мај.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
