„Детска радост“ во Автокоманда како сцена од хорор филм а не детска градинка
Политички и институционални препукувања врз грбот на децата. Продолжува сагата со градинката „Детска радост“ во населбата Автокоманда со последното отворено писмо на родители до министерката за труд и социјална политика. Ја известуваат Тренчевска за лошите услови, повреда на дете од вработена во установата, но и за незаконското работење на директорката.
„Доколку Министерката ја заштити разрешената директорка која работела спротивно на Закон и ги одземе ингеренциите на општината, нашите деца ќе ги донесеме пред зградата на Министерството за труд и социјала и ќе ги оставиме Министерката да се грижи за нив“ - стои во писмото до Тренчевска.
Од труд и социјала им одговорија дека децата нема да останат без храна и ги уверуваат дека се безбедни и згрижувањето е согласно законите. За повреденото дете бил направен инспекциски надзор и донесено соодветно решение, велат од Министерството.
Градоначалникот на Гази Баба ја разреши директорката по барање на управниот одбор на Детска радост, но се уште, како што вели Стефковски, не го примила решението бидејќи била на боледување. Од општината ги известиле сите надлежни институции за незаконското работење.
-Две недели буквално не можеме да обезбедиме нормално функционирање на градинката и како институции си ја префрламе одговорноста. Искрено жалам да не се случи за догледно време да не остане без намирници за храна. Затоа апелирам до Министерството за труд и социјала да обезбедиме нормално функционирање и политиката да не се меша, особено не во установи кои згрижуваат деца, вели Бобан Стефковски, градоначалник на Гази Баба.
Гази Баба мора да ги почитува одредбите од Законот за заштита на децата, во спротивно, од труд и социјала во денешниот одговор и порачаа на општината дека следат соодветни реперкусии.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
