Британските премиери се менуваат, само мачорот Лери останува

Најпознатиот мачор во Велика Британија, Лери вчера го пречека својот седми „цимер“ на „Даунинг стрит“ 10, откако почна да талка по ходниците на домот на британскиот премиер пред повеќе од 15 години.
„Политичарите доаѓаат и си одат, мачето останува“, се вели во објавата на профилот на Лери – @Number10cat, на „Икс“, додека го чекаше доаѓањето на новиот британски премиер, Енди Бурнам, кој го наследи Кир Стармер.
Мачорот веќе ги даде своите инструкции: „Лери сака појадок во девет часот наутро, ужина во 10:30 часот и ручек во 12 часот, со многу закуски измеѓу. Останатото е лесно.“
Лери пристигна во официјалната резиденција на британскиот премиер на 15 февруари 2011 година, од Засолништето за кучиња и мачки „Батерси“, со основна задача да ги држи глувците подалеку од просториите за донесување одлуки. Мачорот со шари потоа доби и своја официјална страница, каде што е опишан како „главен глувчоловец“. Во сите свои години на „Даунинг стрит“ 10, по Дејвид Камерон, Лери ги пречека и испрати и Тереза Меј, Борис Џонсон, Лиз Трас, Риши Сунак и Кир Стармер. Енди Барнам е седмиот „привремен станар“ во домот на мачорот.
„Лери ги минува деновите поздравувајќи ги гостите, проверувајќи ги безбедносните системи и тестирајќи го квалитетот на античкиот мебел на којшто може да се одмори“, се наведува на страницата на мачорот.
Возраста на мачорот не е официјално објавена, но неговиот „Икс“-профил посочува дека има 19 години.
Ѕвездата во светот на мачките, Лери има над 900.000 следачи на својот интернет-простор. Тоа е хумористичен профил (со анонимен уредувач), каде што „влијателниот“ мачор се жали на времето во Британија и ужива да им се потсмева на политичарите. Во текот на двете години колку што Стармер беше на функцијата, Лери во својата „Канце-Лерија“ мораше да се прилагоди на присуството на другите две домашни мачки – Џоџо и Принс.
МИА
Ново на Сител
-

30 дена притвор за осомничениот за убиството на жената од село Таор
-

Материјални докази на судењето за деветтемина полицајци за Пулс
-

Нови цени на горивата од полноќ
-

По викенд нападите, САД и Иран утре на преговори
-

Тема на денот со Златко Кузманов, воено-политички аналитичар
-

Одложени операции на хируршките клиники поради дефект во климатизацијата
-

Прилепскиот општински штаб за заштита и спасување активно се подготвува за сезоната на пожари
-

Мицкоски: Ќе почекаме до седницата на извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ
