Британски медиуми: Засилени притисоци за оставка на премиерот Кир Стармер

Британскиот премиер Кир Стармер се соочува со најсериозната лидерска криза од почетокот на неговиот мандат, во мигови кога членови на неговиот Кабинет и десетици пратеници побарале да размисли за повлекување од функцијата.
Според извештаи објавени во британски медиуми, министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд, наводно во приватни разговори повикала на „уреден транзициски процес“, додека околу 75 пратеници од Лабуристичката партија побарале премиерот да се повлече по слабите изборни резултати.
Четворица владини помошници поднеле оставки наведувајќи како причина губење доверба во неговото лидерство, додека дел од функционерите предупредуваат дека авторитетот на Стармер слабее и бараат тој да постави рок за евентуално заминување од „Даунинг стрит 10“.
Во политички напната атмосфера, за денеска е закажана итна седница на Кабинетот, при што постои поделеност меѓу министрите по однос идните чекори.
Министерот за одбрана Џон Хили, според извори, повикал на избегнување хаотичен процес и фокусирање на управување со државата во услови на геополитички и економски ризици.
Во меѓувреме, заменик-министерот за здравство Стивен Кинок изјавил дека некои министри „можеби“ на седницата ќе побараат оставка на премиерот, предупредувајќи дека тоа би можело да предизвика политички хаос.
Стармер претходно изјави дека нема да се повлече и оти ќе им докаже на критичарите дека грешат, но притисокот од дел од пратениците продолжува да расте.
Поранешната министерка Кетрин Вест, најави дека ќе покрене постапка да биде утврден забрзан рок за оставка на премиерот до септември, иницијатива која наводно ја поддржале околу 80 пратеници.
Политичкиот притисок врз Стармер значително се зголеми по локалните избори, на кои Лабуристичката партија изгуби околу 1.500 советници, забележа пад на поддршката во Шкотска и заврши на трето место во Велс.
Во обид да го смири незадоволството, Стармер во говор во Лондон изјави дека презема одговорност за резултатите, но дека ќе продолжи со работа, опишувајќи ја моменталната политичка ситуација како „битка за душата“ на Обединетото Кралство. Тој најави и реформи во системот на практикантства, со цел да се поддржат малите бизниси и младите, како дел од обидите да ја пренасочи политичката агенда кон економски прашања.
И покрај кризата, дел од пратениците јавно застанаа во негова одбрана, нагласувајќи дека премиерот ја разбира „големината на предизвиците“ со кои се соочува земјата.
Министерот за здравство Вес Стритинг, кој се споменува како можен иден лидер, но негира такви амбиции, се уште не разговарал со Стармер за актуелната ситуација.
Оставките на парламентарни помошници блиски до министерот Стритинг, кои поддржуваат „брза временска рамка“ за замена на премиерот, дополнително ги засилија шпекулациите дека тој би можел да влезе во трка за лидер на Лабуристичката партија, оценуваат британските медиуми.
Во меѓувреме, дел од поддржувачите на градоначалникот на Манчестер, Енди Бурнам, кој исто така се споменува како можен кандидат за наследник на Кир Стармер, изразуваат загриженост околу брзо организирање лидерски избори. Бурнам би морал повторно да стане пратеник преку дополнителни избори пред да може целосно да влезе во трка за премиерската функција.
Во обид да влијае врз внатрепартиската дебата, поранешната заменик-премиерка Анџела Рејнер, која исто така се споменува како потенцијален кандидат, повика на надминување на внатрешните поделби.
Во обраќање пред Синдикатот на вработените во комуникацискиот сектор таа порача дека одлуката што го блокира Бурнам треба да биде „поправена“ и дека партијата мора да го стави „заедничкиот интерес пред фракциите“.
„Како партија мора да бидеме подобри од ова и можеме да докажеме дека навистина стоиме зад нашите лабуристички вредности само ако го ставиме општиот интерес пред фракциските поделби“, изјави Рејнер.
МИА
Ново на Сител
-

Зеленски: Русија нема намера да ја заврши оваа војна
-

Британски медиуми: Засилени притисоци за оставка на премиерот Кир Стармер
-

Мисајловски на саемот IDEB во Братислава, ќе се сретне со министрите за одбрана на Словачка и Чешка
-

Премиерот Мицкоски учесник на Самитот 2026 во организација на „Македонија 2025“
-

Седници на две собраниски комисии
-

Трамп ги нарече Венс и Рубио „тимот од соништата“ за Белата куќа
-

Поранешниот шеф на кабинет на Зеленски осомничен за перење пари
-

Претпладне облачно со сончеви периоди, попладне локален дожд, грмежи и засилен ветер
