Македонија
20. February 2023 - 16:38

Братот на Артан Груби купил дуќан од половина милион евра, обвини ВМРО-ДПМНЕ

Брат му на Артан Груби купил ексклузивен дуќан вреден половина милион евра на улица Македонија, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДУИ и денеска ниту еден збор објаснување дали и каква улога имал Груби во инвестицијата на неговиот брат. Сомнежите за вмешаност во корупција на владиниот потпретседател, ДУИ и денеска ги бранеше со обвинувања дека ВМРО-ДПМНЕ е антиалбанска партија и дека Албанците ги третира како граѓани од втор ред.

„Градоначалници на ова ВМРО - ДПМНЕ на Мицкоски тврдат дека имаат насока од страна на Mицкоски, ака шпицен командант, да не издаваат потврди за легализација на домови на Албанци во нивните општини согласно законот и под никакви услови да не ангажираат компании на Албанци во нивните општини како и да не издаваат дозволи за градби поради расистички демографски политики.“ – се вели во соопштението на ДУИ.

Од туристичката агенција за која опозицијата тврди дека е во сопственост на семејството на Груби, денеска објаснија дека имотот е купен на кредит со хипотекарна гаранција без да прецизираат за колкава сума станува збор.

Вчера опозицијата објави дека човек близок на Груби добил акредитација за баждарење на бензински пумпи, а директорката на институцијата што тоа го овозможила направила хациенда на Попова Шапка која ја нема во нејзиниот анкетен лист. И за овие наводи за корупција од ДУИ не понудија никаков одговор, освен контра обвинувања дека ВМРО-ДПМНЕ е антиалбанска партија.