Божиновска: Денес отвораме нова фаза за македонската енергетика, Пазарот во тековниот ден е сигурносен вентил на нашиот систем

Денес отвораме нова фаза за македонската енергетика. Во време кога секој мегават-час е важен, Пазарот во тековниот ден е сигурносен вентил на нашиот систем, кој ни ја носи потребната флексибилност. Тој им овозможува на нашите компании да реагираат во реално време - да ги коригираат своите енергетски потреби на само неколку часа пред испораката, да ги намалат трошоците за дебаланси и поефикасно да управуваат со своето производство и потрошувачка, што значи помали трошоци за нив, а поголема стабилност за мрежата. Ова е особено важно и за нашата енергетска транзиција. Со него вратите за обновливите извори на енергија се ширум отворени. Македонија има сонце, но сончевата енергија и ветерот се непредвидливи. Со Intraday-механизмот таа непредвидливост повеќе не е пазарен ризик, туку развојна шанса - рече денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Во обраќањето пред официјалниот почеток на Пазарот во тековниот ден, Божиновска истакна дека ова не е крајната дестинација, туку само почетна станица за македонското целосно интегрирање во европското енергетско семејство. Во следниот период, најави, продолжува натамошното развивање на пазарните механизми, продлабочувањето на регионалната соработка и приклучувањето кон процесите на спојување на пазарите во Европа.
- Пазарот во тековниот ден е нова фаза во развојот на нашиот електроенергетскиот систем и клучен чекор кон целосна либерализација и модернизација на пазарот на електрична енергија. Мора да признаеме дека овој процес, во одредени периоди, беше сериозно закочен од институционална инертност и недостиг на стратешки фокус. Со јасна политичка волја и со максимална посветеност го откочивме процесот, ја засиливме координацијата помеѓу институциите и заедно со МЕМО и сите вклучени партнери успеавме да го воспоставиме овој механизам, кој е од витално значење за државата - нагласи министерката.
Според неа, од утре фокусот се префрла на целосно пазарно поврзување (Market Coupling) со нашите соседи.
- Тоа ќе донесе поголема ликвидност и ценовна стабилност. Со ова истовремено ќе ги заштитиме нашите компании од дополнителните трошоци од ЕУ-механизмот за гранично приспособување на јаглеродот (CBAM), што значи заштеда на милиони евра за извозно ориентираните фирми. Паралелно, ќе работиме на зајакнување на институциите и на создавање услови за уште поголемо учество на приватниот сектор - истакна Божиновска дополнувајќи дека Министерството за енергетика останува посветено на развој на конкурентен и транспарентен пазар, на инвестиции во енергетската инфраструктура, на поддршка на зелената транзиција и обезбедување регулаторна стабилност и предвидливост за инвеститорите.
Пред присутните се обратија и премиерот Христијан Мицкоски, генералниот директор на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, генералниот директор на БСП и претседател на Управниот одбор на АДЕКС, Анже Предовник, како и Мартин Мартиновски, експерт за електрична енергија и статистика во Енергетската заедница.
Ново на Сител
-

Иницијатива за ограничување на социјалните мрежи кај малолетници во Македонија
-

Тема на денот со Весна Петрушевска
-

Преглед на вестите од светот
-

Мицкоски: Оваа година избори нема да има
-

Нова акција за нелегални филери и средства за слабеење
-

Фотографии, видеа и извештаи од увидите презентирани на рочиштето за ,,Пулс"
-

Мерки на претпазливост бара Обвинителството за малолетничките кои малтретираа 13 годишно девојче во Ѓорче
-

Сејф Сити во секој град до крајот на годината
