Македонија
2. August 2026 - 10:20

Бигорски манастир со традиционално одбележување на Илинден

Свештената бигорска Обител и годинава традиционално ќе го одбележи 2 Август - Денот на двата Илиндена, со литургија во село Лазарополе и со доксологија - молитва за татковината во Бигорскиот манастир. 

-На денот кога го славиме споменот на светиот и славен пророк Илија, како и 123-годишнината од херојското Илинденско востание, централното трожествено празнување ќе се одбележи со Света архијерејска литургија во прекрасниот преродбенски храм на Светиот великомаченик Георгиј Победоносец во село Лазарополе, која почнува во 9 часот. Со литургијата ќе чиноначалствува Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, информираа од Обителта. 

Исто така, денеска ќе се одржи и доксологија - молитва за татковината. 

- Свечениот чин на доксологија - молитва за татковината и за покој на паднатите за слободата ќе се одржи во 13 часот,  во соборниот храм на Свештената бигорска Обител. Честит Илинден и од Бога благослов. На многаја лета возљубена наша Татковино, посакаа од Бигорски манастир. 

Инаку, како што за галичани важи „каде и да си, за Петровден во Галичник да си“ за лазорополчани тоа е Илинден. Веќе се пристигнати голем број поранешни жители и нивни потомци. Неизоставен белег на одбележувањето ќе биде и групата Мајовци, чиишто предци потекнуваат токму од ова село, од каде се доселиле во Дебар.