Американскиот Црвен крст предупреди на критичен недостиг на крвни резерви во САД

Американскиот Црвен крст предупреди дека залихите на крв во САД се намалени на „кризно ниво“, истакнувајќи дека ова е вторпат во неговата 150-годишна историја да прогласи таква состојба.
Според доктор Кортни Лоренс од Американскиот Црвен крст, до недостигот довеле повеќе фактори, меѓу кои големите шумски пожари и екстремно високите температури. Залихите на крв само во текот на минатиот месец се намалиле за една четвртина.
Кризата се појавува во летниот период кога болниците вообичаено имаат зголемена потреба од крв. Лоренс појаснува дека во текот на летото се зголемува бројот на сообраќајни несреќи, а луѓето поминуваат и повеќе време на отворено што доведува до повеќе повреди за чиј третман е потребна трансфузија.
Американскиот Црвен крст обезбедува околу 40 отсто од вкупните залихи на крв во САД, а во моментов на болниците им испорачува околу 3.500 единици крв повеќе од вообичаеното за овој период од годината.
„Не можеме однапред да создадеме големи залихи бидејќи крвта има ограничен рок на траење и со текот на времето станува неупотреблива“, изјави Лоренс. Донираната крв мора да се искористи во рок од 42 дена, бидејќи крвните клетки постепено се разградуваат.
Потребни се залихи од сите крвни групи, но особено недостига Нулта позитив.
Лоренс предупреди болничките проценки укажуваат дека кризата може да влијае и врз рутинските медицински интервенции. Некои здравствени установи веќе размислуваат за пренасочување пациенти кон други трауматолошки центри поради протоколот за постојана резерва од крвни единици за итни случаи.
Според Американскиот Црвен крст, комбинација од повеќе фактори довела до достигнување на кризно ниво. Поради високите температури граѓаните поретко излегуваат од домовите, а некои планирани акции за дарување крв не можеле да бидат организирани поради несоодветни услови за дарителите.
Дополнителен проблем претставуваат бројните шумски пожари, кои пренасочиле дел од расположливите ресурси. Црвениот крст како фактор го наведува и невообичаено големиот број случаи на болести што се пренесуваат преку храна, а резултираат со силна дијареја.
Американскиот Црвен крст првпат криза со залихите на крв прогласи во јануари 2022 година, за време на пандемијата на Ковид-19 и периодот проследен со силно зимско невреме.
Со намалување на залихите на крв се соочува и Канада. Канадската служба за крв соопшти дека од почетокот на јуни залихите се намалиле за речиси 20 отсто.
„Во последните шест недели бројот закажани термини за дарување крв беше намален за меѓу 1.500 и 2.500 неделно, поради што моравме да ги користиме постојните залихи за да ги задоволиме потребите на пациентите“, се наведува во соопштението.
За разлика од САД, во Канада не е позната причината за значителниот пад на бројот дарители. Канадската служба за крв посочи дека иако во лето се намалува бројот дарители, под вообичаеното летно ниво е и бројот пријавени термини за дарување.
Тие предупредија дека залихите на неколку крвни групи се опаднати на ниво, што на подолг рок би било неодржливо за нормална здравствена грижа, доколку продолжи сегашниот тренд.
МИА
Ново на Сител
-

Возач од Гевгелија фатен со речиси двојно поголема брзина од дозволената
-

Продолжува гаснењето на пожарите на грчките острови Крит и Лезбос
-

Ревизијата утврди недоследности во работењето на ФЗО
-

Андоновски и Ангеловски ќе ги промовираат новите електронски услуги на Државниот инспекторат за земјоделство
-

Во Словенија прогласена портокалова и црвена фаза на опасност од пожари поради топлотниот бран
-

Православните денес ја слават Света великомаченица Марина – позната како Огнена Марија
-

Во Собранието последна седница за пратенички прашања пред годишните одмори
-

Американската армија соопшти дека извела нови воздушни напади врз Иран
