Американски суд ѝ наложи на „Мета“ да плати 567 милиони долари за штети нанесени на младите

Американски суд ѝ наложи на матичната компанија на Фејсбук, „Мета“, да плати 567 милиони долари за санирање на штетите нанесени врз младите од нејзините платформи.
Судијата од Ново Мексико, Брајан Бидшајд, пресуди дека платформите на „Мета“ претставуваат „јавна опасност“ и дека компанијата се вклучила во активност што „ги нарушува јавното здравје, безбедноста и добросостојбата“ во Ново Мексико.
„Иако ’Мета‘ не е единствена во овој поглед, нејзините социјални платформи се значаен фактор што придонесува за моменталната криза со менталното здравје кај младите во Ново Мексико“, напиша судијата.
Бидшајд ја спореди „Мета“ со фабрика што испушта загадување во воздухот.
„Судот ги смета платформите на ’Мета‘ за аналогни на фабрика, рекламите и другите содржини прикажани на тие платформи за она што го произведува фабриката, а психолошката штета и сексуалната експлоатација на децата за загадување што мора да се сузбие“, се наведува во пресудата.
Исто како што „штетното загадување“ од фабриката го загрозува правото на јавноста на чист воздух, така и „штетните ефекти“ од платформите на „Мета“ не останале изолирани, се вели во пресудата.
„Наместо тоа, штетните ефекти се шират на целиот интернет и, што е можеби најзагрижувачки, во реалниот свет, создавајќи заеднички, општествен товар и штета за погодените деца, нивните семејства и училиштата, како и за болниците и спроведувачите на законот“, се наведува во пресудата.
Портпаролот на „Мета“, Енди Стоун, изјави дека компанијата не се согласува со пресудата и дека ќе поднесе жалба.
„Работиме напорно за да ги заштитиме луѓето на нашите платформи и бевме транспарентни во однос на предизвиците за идентификување и отстранување на лошите актери и штетните содржини. Остануваме сигурни во нашиот биланс на заштита на тинејџерите на интернет и ќе продолжиме да се браниме од тврдењата што поинаку ги прикажуваат фактите“, напиша тој на X.
Во пресудата се наведува дека 420 милиони долари ќе бидат наменети за услуги за третман на младите, додека остатокот ќе се искористи за подигање на свеста и превенција, услуги за скрининг и други трошоци.
Оваа одлука е додаток на сумата од 375 милиони долари што на „Мета“ ѝ беше наложено да ја плати за истиот случај во март.
МИА
Ново на Сител
-

Милатовиќ пред ОН: До 2028 година Црна Гора меѓу членките на ЕУ
-

Холандија повторно се враќа на Евровизија од идната година
-

70 случаи на западнонилска треска во државата, 65 потврдени
-

Маж снимен како го краде бакшишот на вработените во Њам Њам Бокс Центар | ВИДЕО
-

Руски балистички ракети врз Киев, две лица загинати, три повредени
-

Малолетник под 14 години го запалил македонското знаме и го објавил видеото на ТикТок
-

Операција „Филтер“: Паѓа организирана група за шверц на цигари, Царинската управа врши претреси на над 20 локации
-

Вкупно 24 пожари изминатото деноноќие, еден е под контрола, останатите изгаснати
