Амбасадорот Сулстром неделава ќе ги посети поголемите градови низ Македонија

Амбасадорот на Шведска, Ола Сулстром, од денеска до 9 мај ќе патува низ целата територија на Македонија. Предвидено е да ги посети сите поголеми градови за да ги истакне и одбележи бројните силни, како долгогодишни така и нови врски и партнерства помеѓу двете земји. Како што информираат од Амбасадата, посебен фокус ќе биде ставен на придонесот на шведските компании, резултатите од шведската реформска соработка, како и на долгогодишните културни врски.
Посетата е дел од иницијативата „Амбасада на турнеја“ и почнува утрово од Скопје, а ќе опфати посети и на Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Велес, Штип, Струмица и Куманово, по што ќе заврши во Скопје на Денот на Европа, во сабота, 9 мај.
Амбасадорот и неговиот тим ќе ги истражуваат локалните знаменитости и вкусови за подобро да ја запознаат земјата, а воедно ќе остваруваат средби со локалните власти и партнери, шведски компании, граѓански организации и организации на локалните заедници, дијаспората и претприемачите.
- Турнејата почнува во Скопје, каде амбасадорот ќе ја посети улицата „Стокхолмска“, именувана во знак на благодарност за поддршката на Шведска по земјотресот во 1963 година, како и Домот за стари лица „Мајка Тереза“, изграден со шведска помош. Програмата вклучува и средби со големи и мали шведски компании кои работат во Северна Македонија, Бизнис форум во Битола коорганизиран со Шведско-македонската стопанска комора, Шведската алумни мрежа и регионалните Ротари клубови, како и посети на проекти финансирани од Шведска во рамките на реформската соработка, со фокус на заштита на животната средина, економско јакнење, управување со отпад и социјална инклузија, наведува Амбасадата.
Културните и локалните активности вклучуваат велосипедска тура по рутата Транс Динарика во близина на Охридското Езеро, настан со средношколци посветен на заштита на езерото, креативноста и одржливоста во Струга, како и дегустација на регионални специјалитети како што се тавче-гравче, баклава и пастрмајлија, меѓу другите.
Иницијативата #EmbassyOnTheRoad претставува уште еден иновативен напор на Шведската амбасада за одбележување и промоција на бројните силни врски меѓу Шведска и Северна Македонија – како и на поединците и организациите кои ја движат оваа соработка – и за зајакнување на билатералните односи, промоција на трговијата и инвестициите и потврдување на континуираната, цврста посветеност на Шведска да ја поддржува Северна Македонија во нејзиниот развој и на нејзиниот пат кон Европската Унија.
МИА
Ново на Сител
-

Тема на денот со проф. Митко Панов, член на Комисијата за историски прашања со Бугарија
-

Запалена машина за железо причина за големиот пожар што ги вознемири скопјани
-

Судење за „Пулс“
-

Пожар во отпад во Шуто Оризари
-

Судење за „Пулс“
-

123 години од смртта на македонскиот револуционер и великан Гоце Делчев
-

Мицкоски: Атмосферата со Бугарија ќе се вжештува - Филипче: Бугарите не ни се непријатели
-

Трибина: Темел на државноста - визија за иднината
