Агент на американската имиграциска служба застрела маж во Мејн, случајот предизвика нови критики кон Агенцијата

Агент на американската Агенција за имиграциска контрола (ICE) застрелал маж, за кого организациите за човекови права тврдат дека бил 26-годишен државјанин на Колумбија. Случајот дополнително го зголеми незадоволството во јавноста кон Агенцијата задолжена за спроведување на строгата имиграциска политика на претседателот Доналд Трамп.
Инцидентот во кој бил убиен имигрантот се случил во Бидефорд, град со околу 22 илјади жители во североисточната сојузна држава Мејн. Пред нецела недела службеник на Агенцијата застрела мексикански државјанин во Тексас.
Сенаторот од Мејн, Ангус Кинг, првично пред новинарите изјави дека, според информациите добиени од министерката за внатрешна безбедност Маркејн Мулин, жртвата било лица по кое била покрената потерница со налог за апсење, поради неуреден имиграциски статус. Подоцна, сенаторот ја повлече таа изјава.
„Човекот кој беше убиен не е лицето кое тие го барале“, изјави Кинг за телевизијата „Си-Ен-Ен“, откако добил дополнителни информации од властите. Тој повика на „целосна, транспарентна и отворена истрага“. Според него, службениците кои учествувале во инцидентот немале камери поставени на униформите.
Претходно Обвинителството на сојузната држава Мејн соопшти дека „лицето кое било цел на операцијата се обидело да избега со автомобил, насочувајќи се кон агент на службата“, по што агентот отворил оган. Од обвинителството додадоа дека службеникот ќе биде ставен на административно отсуство, согласно воспоставената процедура.
Федералното биро за истраги (ФБИ) соопшти дека започнало сопствена истрага за случајот.
МИА
Ново на Сител
-

Оформени 45 предмети и изречени над 200.000 евра казни за непочитување на Законот за нефер трговски практики
-

Гастрономската понуда клучен фактор за повеќе туристи
-

Кочани доби Центар за поддршка на момчиња и мажи
-

Преглед на вестите од светот
-

Петрова: Условот е европски
-

Тема на денот со Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието
-

Планот на Мерц пред лидерите на Западен Балкан во Тиват
-

СДСМ: Младите на референдум да одлучат за иднината
